Лабораторијата AMBICON има два оддели. Во Одделот за амбиентална контрола, посетителите ќе се запознаат со лабораториската опрема, мерните инструменти и методите за следење и анализа на загадувањето на воздухот. Во дворот на кампусот ќе бидат поставени мерни инструменти и мониторинг-станици, каде што посетителите непосредно ќе можат да го следат процесот на мерење на квалитетот на воздухот и собирање податоци.
Во Одделот за анализа и испитување на материјали, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со различни современи аналитички инструменти, како скенирачки електронски микроскоп, рендгенски дифрактометар, гасен хроматограф и други. Посебно внимание ќе биде посветено на анализата на атмосферските аеросоли и нивниот хемиски состав. Ќе биде организирана и практична демонстрација со спектрофотометар за определување на водорастворливи јони во атмосферските аеросоли.
Преку овие активности, посетителите ќе дознаат повеќе за современите методи за мониторинг и анализа на загадувањето на воздухот и за поврзаноста меѓу теренските мерења и лабораториските анализи.